9.8 C
Skopje
недела, 7 декември 2025

Собослаи: Она што е во соблекувалната, останува таму и не е за јавност

Доминик Собослаи повторно беше во центарот на вниманието, но овојпат не поради победа на Ливерпул, туку поради разочарување. Унгарскиот репрезентативец постигна гол со кој Ливерпул во финишот од мечот против Лидс јунајтед поведе и изгледаше дека ќе стигне до вреден триумф. Но, наместо славје, следеше целосен колапс и 3-3.

Ливерпул двапати имаше предност, а Собослаи по натпреварот отворено призна дека не знае како неговиот тим успеал да го прокоцка водството во дуел кој целосно го контролирале.

„Не знам што се случи по нашето водство. Како да помисливме дека мечот е завршен. Вака нема како во Премиер лигата. Мора да најдеме решенија, мора да покажеме реакција, а сите во екипата – и младите и поискусните – мора да преземат одговорност“, изјави тој за „Скај Спортс“.

„Она што е во соблекувалната, останува во соблекувалната. Не е за јавност. Мора да се позанимаваме со тоа, мора да најдеме решенија. Постојат моменти кога мора да се погледнете себеси, да отидете дома и да се запрашате дали сте направиле сè што сте можеле. Ако е одговорот да, тогаш продолжете и резултатите ќе дојдат“, додаде тој.

„Лани бевме шампиони, а сега не знам ни на која сме позиција. Секој тим игра добро. Секој тим сака да го победи шампионот и тоа го знаевме уште пред почетокот на сезоната“

Неговите зборови одекнаа како јасно предупредување. Ливерпул веќе неколку натпревари се мачи со концентрацијата во клучни моменти, а ремито 3-3 против Лидс ги продлабочи фрустрациите кај навивачите.
Собослаи, сепак, не бараше изговори.

„Секој што го носи овој дрес мора да докаже дека е подготвен да се бори за клубот. Не е важно колку долго си тука, важно е што покажуваш на теренот. Тоа е менталитетот што мора да го вратиме“, истакна тој.

Неговиот став јасно покажува дека во соблекувалната на Ливерпул нема место за рамнодушност. Како што одминува сезоната и борбата за врвот станува сè пожестока, тимот на Арне Слот ќе мора да ја пронајде стабилноста што веќе подолго време ја бара. Собослаи го одигра своето, постигна гол, прозборе искрено и испрати порака што тешко може да се игнорира.

„Не е првпат да испуштаме бодови. Не е првпат да примаме гол во последната минута. Не е првпат да примаме од прекин. Мислам дека секој може да замисли каква атмосфера беше во соблекувалната. Мислам дека не дозволивме ниту една шанса додека не поведовме со 2-0“, изјави менаџерот Арне Слот.

- Оглас -

Најнови вести