Соиграч на Ибрахимовиќ од Ајакс: „Тој е голем пријател, за него никој не смееше да каже лошо“

Златан Ибрахимовиќ минатата година на 42-годишна возраст ја заврши фудбалската кариера, а подемот во европски рамки го имаше во периодот од 2001 до 2004 во екипата на Ајакс, пред да го направи првиот голем трансфер и да се пресели во Јувентус.

На периодот во Амстердам се присети Романецот Николае Митеа, кој во 2003 година потпиша за Ајакс, а токму Ибрахимовиќ е човек кој најмногу му помогнал да се прилагоди во клубот.

„Не знам што да кажам за Златан, долго се немаме слушнато. Знаев дека има квалитети, но не очекувавме дека ќе дојде до овие висини и ќе стане вистинска ѕвезда. Дојде на еден тренинг опуштен и виде како седам на клупата бидејќи бев помалку срамежлив. Ми пријде и почна да ми зборува на висок тон. Рече ‘дојди ваму’, ме фати за рака и почна да разговара со мене, се обиде малку да ме расположи. Тоа не беше сè, по тренингот заминавме на кафе и сендвич, ми покажуваше некои работи за Ајакс, но и за Амстердам. Се покажа како голем човек и пријател. Од тој момент станавме вистински пријатели, дури и ме нарекуваше ‘Марадона’. Секогаш беше подготвен за шеги, но верувајте никој не се ни осмелуваше да го вознемири или да каже нешто лошо за него“, вели романскиот интернационалец Николае Митеа.

За разлика од Ибрахимовиќ, кој направи светска кариера и сè уште е голема фудбалска ѕвезда, Митеа во Ајакс дојде во 2003 од Динамо Букурешт, а таму се врати во 2008 година и воопшто не ги оправда очекувањата за неговата фудбалска кариера бидејќи во тој период важеше за еден од најталентираните романски фудбалери.

- Оглас -

Најнови вести