Соиграч на Ристовски даде 4 гола по паузата, секој ќе вреди по 10 милиони евра, ако си замине ова лето

Жуване Кабрал е тандем со Стефан Ристовски на десната бочна позиција во Спортинг, а опасно се разигра и се распука со голови во пост-корона ерата, па Лавовите од Лисабон му нудат продолжување на договорот до 2025 година.

Десното крило на Спортинг е голема перспектива и има само 22 години, а веќе постигна четири гола, или по еден во просек на меч, откако на сцена се врати португалскиот фудбал по долгата пауза.

И веднаш реагираше раководството на Спортинг со понуда важечкиот договор на репрезентативецот на Кејп Верде да му биде продолжен до 2025 година, или за две сезони подолго.

Услов ќе биде и да се зголеми отштетната клаузула од сегашните 60 на 100 милиони евра, што би значело дека за секој постигнат гол во пост-корона ерата на Кабрал цената порасна за по 10 милиони евра. Можно е Жуване да го продолжи договорот и потоа веднаш да биде продаден со повисока отштетна клаузула. За него има интерес од неколку реномирани европски екипи.

Кабрал, кој беше стрелец на два гола против Белененсес во минатото коло, имаше и пех, па се повреди на мечот што Спортинг го доби со 3:1. Неизвесно е дали ќе игра до крајот на сезоната, односно во последните шест кола во португалскиот шампионат.

 

 

- Оглас -

Најнови вести