Екипата на Царско село по три години играње во елитното бугарско фудбалско друштво, денеска испадна од Прва лига. Царско село во последното коло требаше да победи Локомотив Софија, но и Ботев да не победи кај Пирин. За жал на Царско село, Ботев победи на гости со 5:3, но фудбалерите на Царско село дури и не успеаа да победат во натпреварот од последното коло и одиграа 1:1 против Локомотив Софија.
Тоа што се случи на дуелот во Софија беше вистински циркуз. Во 94 минута беше досуден пенал за Царско село, а Јусуф Јафа кој влезе во второто полувреме, ја зема топката да шутира. Тогаш капитенот на тимот, Мартин Кавдански посака и тој да го шутира пеналот, па двајцата фудбалери влегоа во жестока расправија.
На крајот, газдата на клубот, Стојне Манолов влезе на теренот и одлучи дека капитенот Кавдански треба да го шутира пеналот. Кавдански промаши, а Гамбиецот Јафа луто аплаудираше на промашениот пенал, за потоа и да го скине и фрли дресот и да ја продолжи расправијата со газдата на клубот.
Целата драма може да ја видите на 1:40 минута на видеото.