Напаѓачот на Тотенхем, Доминик Соланке, беше подложен на операција на скочниот зглоб, потврди менаџерот Томас Франк на прес-конференција пред натпреварот од Лигата на шампионите против Бодо/Глимт. Дваесет и осумгодишниот играч не настапува уште од 23 август, кога Тотенхем славеше со 2-0 против Манчестер сити.
„Дом имаше проблеми со зглобот подолго време. Терапијата не даде резултат и се покажа потреба од мала операција. Сигурно ќе ги пропушти мечевите оваа недела, а повеќе информации за неговото закрепнување ќе има по репрезентативната пауза“, изјави Франк.
Од тимот на Тотенхем ќе отсуствува и капитенот Кристијан Ромеро, но неговото отсуство е превентивно и дефанзивецот нема сериозна повреда.
Тотенхем ја започна Лигата на шампионите со победа над Вилјареал (1-0), а во англиското првенство се наоѓа на четвртото место, четири бода зад лидерот Ливерпул.