Реал Мадрид и Барселона вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ ќе решат кој тим ќе се пласира во финалето на Купот на Шпанија. Двата најтрофејни клуба во Шпанија се подготвени за уште едно шоу на Ел Класико, а Реал има малку подобра позиција откако на првиот меч на „Камп ноу“ одигра 1-1. Тоа значи дека Реал ќе биде финалист доколку вечерва резултатот е 0-0, но малку е веројатно дека може да нема голови за 90 минути кога играат овие две екипи.
Неколку часа пред мечот, стигна информација дека тренерот на Реал, Сантијаго Солари, од тимот го „отпишал“ Иско. Шпанскиот репрезентативец едноставно е во немилост на стратегот. Иско го нема на теренот во мечевите од домашното првенство и Лигата на шампионите, а сега го нема ниту за Купот.
Само пред неколку месеци, Иско беше еден од главните играчи на Реал, но по доаѓањето на Солари, падна во заборав и речиси сигурно ќе си замине од мадридскиот гигант на крајот од сезоната.