Неиграњето на Бејл, Васкес, Асенсио, Крос, Маријано, можеби и Винисиус, го прави речиси задолжително уфрлање на Иско во стартниот тим на Реал Мадрид кој вечерва ќе истрча на тешкото гостување кај Бетис на „Бенито Вилјамарин“. Иако Иско не е омилен кај тренерот Сантијаго Солари и постојано го остава на клупата за резерви, вечерва се чини дека е неизбежно да го стави Иско меѓу почетните 11.
Шпанските медиуми најавуваат дека на голот на Реал ќе биде Навас, кој ќе брани во лигашки меч за првпат по 26 август, одбраната е комплетна со Карвахал, Марсело, Рамос и Варан, можеби и Начо, а во средината покрај Касемиро и Модриќ, ќе бидат Валверде, Себаљос и Иско, додека осамен во нападот ќе биде Бензема.
Но, можеби Солари кој сака да игра 4-3-3, ќе изненади со уфрлање на младите Винисиус кој до вчера беше болен и не тренираше, или штотуку дојдениот Брахим Дијаз, па така местото на Иско повторно би било загрозено. Откако Солари е тренер, тој го водел Реал на 16 меча, а Иско само двапати бил стартер.