Солари со осакатена одбрана дебитира како тренер во Примера

Реал Мадрид попладнево против Валјадолид ќе се обиде конечно да дојде до победа во шпанското првенство, но тоа ќе треба да го направи со драстично ослабена одбрана. Новиот тренер Сантијаго Солари, ќе го има дебито на клупата на еден меч од Примера дивизија, но нема да ги има на располагање сите ресурси.

Повредени се бековите Марсело и Карвахал, централните дефанзивци Варан и Валјехо, како и напаѓачот Маријано Дијас. Реал без овие фудбалери настапи и во средата во Купот на Шпанија, но тоа беше меч против полесен противник. Валјадолид откако доби нов газда во име на бразилската легенда Роналдо, бележи одлични резултати.

Солари во дефанзивниот ред ќе мора да игра со Одриосола и Регилон како бекови, а Рамос и Начо како централни одбранбени играчи. Од резервите само еден е одбранбен играч, Хави Санчес од вториот тим на Реал.

Главните бекови, Карвахал и Марсело, очигледно се незаменливи, последен пат заедно играа на 15 септември против Рома, дуел кој Реал го доби со 3:0. Од тогаш, тимот тргна по надолна линија и сега бара излез од кризата.

Интересно ќе биде да се види дали на голот ќе биде Куртоа или Навас. Белгиецот има поголеми шанси да биде прва опција, иако тој има пост од 42 дена без победа во дресот на „кралскиот клуб“. Под притисок е и Бејл, кој одамна нема дадено гол и покажа дека не може да биде замена за Кристијано Роналдо, а освежување во офанзивниот ред може да донесе младиот Винисиус.

- Оглас -

Најнови вести