Солскјер донесе магија: За помалку од еден месец го стигна Арсенал, a „топчиите“ имаа осум бода повеќе

Манчестер јунајтед продолжува со победите. Дека „црвените ѓаволи“ имаат карактер да слават и во дерби дуел, а не само со послабо пласирани екипи од нив, покажаа вечерва во Лондон. На гостувањето кај Тотенхем, Манчестер победи со 1:0. Маркус Рашфорд за прв пат во неговата кариера постигнува погодок во три меча по ред во Премиер лигата. Напаѓачот на Манчестер погоди пред крајот на првото полувреме и тоа се покажа како доволно за победа на гостите.

Иако Рашфорд е стрелец на голот вреден три бода, херој на мечот е голманот Давид де Хеа. Чуварот на мрежата на гостите беше несовладлив. Играчите на тотенхем упатија вкупно 21 шут, од кои 11 беа прецизни и одеа во голот на Манчестер, но не постигнаа ниту еден погодок. Де Хеа бранеше феноменално и ги откажа во сите нивни обиди.

Откако на клупата на најтрофејниот англиски клуб седна Оле Гунер Солскјер, се случи чудо на „Олд Трафорд“. На 19 декември, Арсенал имаше осум бода пред Манчестер, а сега, за помалку од еден месец, двата тима се израмнети со по 41 бодови на табелата. Челзи е на четвртото место со шест бода повеќе.

Манчестер јунајтед во последните три сезони си одеше поразен од гостувањата кај Тотенхем, а интересно е што на претходните 23 гостувања, имале само три порази. Едноставно Солскјер ја врати победничката магија во тимот.

 

- Оглас -

Најнови вести