Во соблекувалната на Манчестер јунајтед постои загриженост околу ситуацијата на Пол Погба. Менаџерот Оле Гунар Солскјер донел одлука да го тргне Французинот од листата пеналџии, па сега постои опасност дека овој потег на Норвежанецот може негативно да влијае врз Погба.
Познато е дека во текот на преодниот рок Погба се обидуваше да изнуди трансфер надвор од Манчестер, а преферирана дестинација му беше Реал Мадрид. Откако се затвори трансфер-прозорецот во Премиер лигата, шансите за такво нешто останаа минимални, но по одлуката на Солскјер, неколку фудбалери на Црвените ѓаволи веруваат дека Погба ќе се налути и ќе побара да биде продаден.
Французинот изминатиов викенд можеше да ги донесе трите бода за Јунајтед во мечот против Вулверхемптон, а по утнатиот пенал во второто полувреме, двете екипи ремизираа при конечни 1-1. Погба со тоа го запиша четвртиот утнат пенал од вкупно 11 обиди откако се врати на „Олд Трафорд“. За разлика од него, Маркус Рашфорд нема проблем да изведува најстрога казна, го докажа тоа во првото коло во триумфот над Челзи од 4-0.
Инаку, минатата сезона на Погба му беше одземена капитенската лента, но тоа беше во периодот кога Жозе Мурињо седеше на клупата на најуспешниот англиски клуб.