Оле Гунар Солскјер од вчера и официјално започна со работа во Манчестер јунајтед. Некогашниот голгетер на „црвените ѓаволи“, сега во улога на тренер ќе треба да донесе нови радости на легендарниот „Олд Трафорд“. Солскјер дојде на местото на Жозе Мурињо, кој го имаше најлошиот старт во првенството за Манчестер во последните 28 години.
Сега е ред Солскјер да се обиде да го врати клубот на победничките патеки. Многумина веруваат дека некогашниот голгетер е вистински избор, бидејќи тој е човек кој е научен да се радува со Манчестер. Солскјер цели 11 сезони како играч беше на „Олд Трафорд“ и сите тие години негов тренер беше Сер Алекс Фергусон. Сега, токму Оле Гунар би можел да биде вистинскиот наследник на легендарниот Ферги.
Норвежанецот е еден од оние кои добро го познаваат кодот на Фергусон, па можно е да се случи на „Олд Трафорд“ да се врати времето на Фергусон. Формацијата би била 4-4-2, но со офанзивни странични играчи, со заден играч за врска. Бековите нема да имаат многу простор да играат во напад бидејќи ќе има двајца класични напаѓачи.