Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, на прес-конференцијата пред утрешното соочување со Барселона даде два интересни одговори на прашања кои предизвикаа најголемо внимание. Норвежанецот рече дека не може да си замисли дека Пол Погба во следната сезона би играл во друг клуб, а за Лионел Меси кажа дека е еден од најдобрите во историјата, но може да биде запрен.
Солскјер нема многу проблеми околу составот, веројатно и Матиќ и Ерера ќе може да му бидат на располагање, но не е и Алексис Санчес.
„Игравме против Кристијано, Мбапе, Азар. Ќе видиме како ќе биде против Меси. Тој е фантастичен, еден од најдобрите индивидуалци во историјата. Но, не е невозможно да го чувате. Утре не играат Меси против Јунајтед, туку Манчестер јунајтед против Барселона. Не верувам дека овој двомеч ќе се реши на првата средба“, изјави Солсјкер.
Што се однесува до можниот трансфер на Погба во Реал Мадрид, Солскјер вели дека Французинот е фокусиран само на „црвените ѓаволи“.
„Тој мисли само на утрешниот меч, не им обраќа внимание на шпекулациите. И тој сака да игра вакви важни натпревари. Против ПСЖ не беше добар и сега сака да компензира. Лично, не можам да си замислам дека тој нема да игра за Јунајтед во следната сезона“, рече Солскјер.