Солскјер: Не треба да си ракетен инженер за да знаеш дека на Манчестер му треба напаѓач

Тренерот на Манчестер јунајтед Оле Гунар Солскјер призна дека на тимот му е потребен квалитетен напаѓач и дека во зимскиот преоден рок тоа ќе биде приоритет на англискиот гигант. Манчестер летоска ги даде Ромелу Лукаку и Алексис Санчес во Интер, но не доведе квалитетни замени.

Поради повреди на Антони Марсијал и Маркус Рашфорд, единствен голгетер на располагање на Црвените ѓаволи е тинејџерот Мејсон Гринвуд, кој има само 17 години.

„Не треба да си ракетен инженер за да знаеш дека ни е потребен напаѓач. Лукаку сакаше да си оди бидејќи не сакаше да игра веќе за нас. Треба да најдеме квалитетен напаѓач. Тоа е наша цел во зимскиот преоден рок. И во летниот преоден рок знаевме дека ќе ни треба напаѓач, но тогаш на пазарот немаше слободен квалитетен играч како што сакаме. Не може да земеш играч ако не си 100 отсто сигурен дека тој ти треба“, рече Солскјер.

Манчестер вечерва на „Олд Трафорд“ го пречекува Арсенал во дербито на седмото коло од Премиер лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести