Солскјер откри: Игрицата „Фудбал менаџер“ ми го смени животот

Оле Гунар Солскјер во играчката кариера беше вистински џокер од клупата на Манчестер јунајтед. Сега, Норвежанецот се покажува и како одличен тренер на „црвените ѓаволи“. По доаѓањето на Солскјер на клупата на „црвените ѓаволи“, тимот има осум победи и едно реми во девет меча досега. Денеска следи нов предизвик за најтрофејниот англиски клуб, гостувањето кај Лестер.

Стратегот на Манчестер се надева дека за дуелот против Лестер ќе подготви победничка стратегија. За тоа како успеа за кратко време да стане така добар тренер, Солскјер откри дека како играч многу внимателно ги слушал советите на Сер Алекс Фергусон и се обидувал да запомни што е можно повеќе, за сега да го примени кај неговите играчи. Освен советите од легендарниот стратег, Солскјер учел и преку видео игра.

Легендарната игрица „Фудбал Менаџер“ била омилена на Солскјер уште како играч. Тој вели дека токму благодарение на игрицата, успеал да развие посебни менаџерски способности.

„Кога играв за Манчестер јунајтед, се релаксирав со видео играта „Фудбал Менаџер“. Тоа е фантастична игрица и многу научив за фудбалот од нејзе. Тоа е всушност слика на вистинскиот живот и често погодуваат кој ќе има одлична кариера.Ми го промени животот како тренер и погледот кон тие работи“, открива Солскјер.

Норвешкиот стратег доби шанса да седне на клупата на Манчестер јунајтед на местото на Жозе Мурињо и засега одлично ја искористува. Договорот кој го има е до крајот на сезоната, а потоа треба да се врати во Молде каде има уште три години од договорот.Сепак, последната порака од челниците на Молде е Солскјер да успее во Манчестер и да остане на „Олд Трафорд“ уште долги години.

 

- Оглас -

Најнови вести