Солскјер пред дербито: Притисокот е врз Ливерпул

Манчестер јунајтед и Ливерпул ќе ги измерат силите по 202-ри пат во историјата. На „Театарот од соништата“ екипата на Јирген Клоп доаѓа со голем мотив да слави над едниот ривал од Манчестер, за да може другиот тим од овој град да го престигне на табелата и да ја преземе лидерската позиција.

Оле Гунар Солскјер за првпат како тренер на „црвените ѓаволи“ ќе се соочи со „црвените“ од Мерсисајд, а во пресрет на дербито вели дека притисокот е на страната на Ливерпул, бидејќи тие се екипата која се бори за шампионската титула.

„Нормално е да чувствуваат притисок. Го чувствуваат и играчи и навивачите, долго време чекаат титула. Заедно со Сити ја водат трката за посакуваниот трофеј и сметам дека ќе биде неизвесно, но истовремено и возбудливо до крајот на шампионатот. Многу е тешко да се освои Премиер лигата, ако не е и најтешка лига во светот. Само пет или шест екипи успевале да се искачат на тронот, додека Лестер и Блекбурн направија чуда“, истакна Солскјер.

Норвешкиот стратег потоа го „пецна“ ривалот, посочи дека секоја година е година на Ливерпул, но како што е веќе познато, „нивната година“ досега не се остварила.

„Во Норвешка имам многу пријатели кои навиваат за Ливерпул и секоја година велат: Ова е наша година, а потоа доаѓа октомври и го мењаваат мислењето: Во ред, следната година е наша“, додаде предводникот на „црвените ѓаволи“.

Дербито на „Олд трафорд“ е закажано за терминот од 15:05 часот.

- Оглас -

Најнови вести