Солзи на „Бернабеу“, емотивно простување со Модриќ и Анчелоти

Реал Мадрид со два гола на Килијан Мбапе го победи Реал Сосиедад со 2-0 во дуел од шпанската лига после кој многу навивачи си заминаа расплакани од тага затоа што веќе никогаш нема да го видат Лука Модриќ во дресот на Кралскиот клуб.

Простување од мадридската публика имаше и Лукас Васкез, ова беше последен меч за Карло Анчелоти на клупата на Реал, но најемотивно беше простувањето со Модриќ, кој за 13 години играње во Реал стана најтрофеен играч во историјата на клубот и вистинска легенда почитувана од сите.

Двата тима му направија почесна гарда на Хрватот, а кога излезе од терен го пречекаа сопругата со децата и партнерот од средниот ред Тони Крос со кој доминираа изминатата деценија и освоија многу трофеи.

Модриќ ќе игра за Реал и на Светското клупско првенство, но денеска последен пат играше на „Сантијаго Бернабеу“.

Инаку, двата гола на Мбапе му помогнаа да избие на чело на трката за најдобар стрелец во Европа, „Златната копачка“ може да му ја „украде“ само Мохамед Салах, доколку Египќанецот утре постигне четири гола.

Анчелоти како тренер на Реал имаше 250 победи на 353 официјални мечеви. Тој од следната недела почнува да работи како селектор на репрезентацијата на Бразил.

- Оглас -

Најнови вести