Корејскиот фудбалер Хеунг-мин Сон, објави дека летово ќе го напушти Тотенхем, клубот во кој мина десет сезони и за кој на 454 настапи имаше 173 голови и 101 асистенции, а како капитен во мај го крена победничкиот пехар од Лига Европа.
Сон своето простување од дресот на лондонските Петли ќе го има во главниот град на неговата родна земја, Сеул, каде Тотенхем ќе игра пријателски дуели со Њукасл и Баерн.
Кореецот го даде најубавиот гол во 2019 година, една сезона беше и прв стрелец на Премиер лигата, но врвот му беше кревањето на пехарот од Лига Европа како капитен.
„Сакам да кажам дека одлучив да го напуштам клубот летово. Тоа е најтешката одлука во мојата кариера, не ми беше лесно, имам толку многу моменти за сеќавање. Десет години е долг период, ми треба промена. Во северен Лондон дојдов како дете, имав само 23 години, а сега си одам како возрасен маж, многу горд човек. Сакам да им заблагодарам на сите фанови за љубовта која ми ја даваа. Се надевам дека е добар тајмингот за ова збогување и дека одлуката да си одам е правилна“, изјави Сон.