Сонг: Знаев дека нема да играм многу во Барса, ама станав милионер

Алекс Сонг, камерунскиот дефанзивен играч од средниот ред, играше за големи клубови како Арсенал и Барселона, а нему најважно му е што играјќи фудбал, станал милионер.

„Мнозинството фудбалери живеат над своите можности. Во Арсенал бев осум години, а дури во последните четири почнав добро да заработувам. Платата ми порасна и успеав да заштедам нешто. Сфатив дека претходно парите сум ги трошел на глупости. Кога дојдов во Арсенал, бев млад и возбуден. Заработував 15 илјади фунти неделно, бев фасциниран кога гледав со каква кола доаѓа Тјери Анри на тренинг. Си велев дека и јас сакам таков автомобил и го купив на рати. Го купив, а по два месеци го вратив, не можев веќе да го плаќам горивото“, се присетува Сонг.

Во 2012 година Барса го купи Сонг за 19 милиони евра и му даде плата изразена во милиони. Бил свесен дека нема да игра многу, но парите на сметката му биле приоритет.

„Кога ја видов понудата, веднаш потпишав. Знаев дека семејството ќе ми бидат финансиски обезбедени и по завршувањето на мојата кариера. Спортскиот директор на Барса ми рече да не очекувам голема минутажа, ама не ми беше гајле. Маж кој на 50 години вози „бентли“, е човек кој треба да го почитувате, а момче кое на 20 години вози „ферари“ е никој и ништо“, смета Сонг, кој има 32 години, но кариерата му е во постојана надолна линија.

 

- Оглас -

Најнови вести