Женската македонска кошаркарска репрезентација со пораз стартуваше во квалификациите за пласман на Европското првенство. На гостувањето кај Германија, нашите најдобри кошаркарки загубија со убедливи 66:41.
Иако ова е висок пораз, Македонија одигра одлично прво полувреме. Нашите репрезентативки поведоа со 13:4 и без поголеми проблеми го контролираа водството за 18:14 по првите 10 минути. Добрата игра на Македонија продолжи и во втората четвртина, период во кој константно ја чувавме предноста, па на полувреме беше 30:26 за Македонија.
Магичните моменти за Македонија траеја до 25-тата минута, кога беше 33:30 за нас, а потоа следува неверојатен пад во играта на нашите кошаркарки. Германија за првпат на мечот поведе со 36:30, а серијата на Панцерите беше од 26:4, па на почетокот на последната четвртина, Германија имаше убедлива предност од 56:37 и беше јасно дека домаќинот ќе стигне до убедлива победа.
До крајот на средбата, предноста на Германките само се зголемуваше, а неверојатно делува фактот дека нашите кошаркарки во второто полувреме за 20 минути постигнаа само 11 поени, а примија дури 47 поени.