Фудбалерите на Астон вила и Ливерпул одиграа спектакуларно реми, 3-3, на „Вила парк“, па сонот за пласман во Лигата на шампионите на домашните останува жив. Екипата на Астон вила сега има пет поени предност пред единствениот конкурент за пласман во Лигата на шампионите, Тотенхем, но и натпревар повеќе.
Натпреварот на „Вила парк“ започна кошмарно за домашните бидејќи нивниот голман, Емилијано Мартинес, уште во втората минута си постигна автогол за водство на Ливерпул. Предноста на Црвените траеше само десет минути бидејќи Тиелманс во 12-тата минута израмни на 1-1. Сепак, Ливерпул со предност замина на паузата бидејќи Гакпо погоди во 23-тата минута.
Второто полувреме започна со гол на Квансах во 48-мата минута за водство од два гола на Црвените. Сепак, домашните не се откажаа и со головите на Дуран во 85-тата и во 88-мата минута донесоа голем бод на „Вила парк“ во битката за Лигата на шампионите“.