Феникс санс не дозволи изненадување и на домашен терен со 113:103 ја победи Индијана, во еден од трите меча кои утрово се играа во НБА лигата. За Сонцата ова е шеста победа во низа, потврдувајќи дека се најдобар тим во лигата. По 45 одиграни меча, Феникс има 36 победи и само девет порази, па тоа е единствениот тим во лигата со едноцифрен број на порази.
Во текот на целиот меч, фаворитот имаше контрола на резултатот, а во еден дел од третата четвртина, предноста на фаворитот достигна и 20 поени (81:61). Иако Феникс победи, не сите вести се добир за овој тим. Камерон Пејн и Џае Краудер се повредија и двајцата треба да одат на дополнителни прегледи за да се види дали ќе мора подолго време да мируваат.
И во останатите два меча кои се играа утрово во НБА, домаќините не дозволија изненадувања. Милвоки бакс и без повредениот Јанис Адетокумбо славеше над Сакраменто со 133:127, додека Кливленд со 94:87 беше подобар од Оклахома.