Сопругата на Луис Ван Хал, Трус, откри дека тренерот плачел од мака кога бил разрешен од менаџерската функција во Манчестер јунајтед во 2016 година.
Холанѓанецот беше сменет од тренерското место само два дена по победа над Кристал палас од 2-1 во финалето на ФА купот, а на тоа му претходеа месеци шпекулации дека ќе си замине од кормилото на Црвените ѓаволи.
Во документарен филм посветен на Ван Хал, неговата сопруга Трус рече дека почнала да чувствува дека деновите на Луис на „Олд Трафорд” се одбројани откако славниот Алекс Фергусон престанал да ги поздравува.
„Знаев дека Луис ќе биде избркан. Го чувствував тоа. На стадионот има мала сала во која секогаш беше забавно со легендите на Јунајтед, како Алекс Фергусон, Боби Чарлтон. Имавме специјална маса со храна и пијалоци. По финалето, тој дојде и ми рече: „Успеавме!”, а јас му реков: Луј, сите велат дека си сменет. Тој многу се налути и ми рече да престанам со глупости. Подоцна ми се јави и ми кажа: во право беше. Звучеше како да е скршен. Кога си дојдов дома, го прегрнав и видов дека плаче. И во моите очи имаше солзи”, раскажа Трус.