По цели пет години од несреќата на Михаел Шумахер, проговори неговата сопруга Корина. Седумкратниот светски првак доживеа тежок пад за време на скијање во Франција и од тој ден досега речиси никој ништо не знае за неговата состојба. Шумахер утре ќе наполни 50 години, а неговата жена реши да се заблагодари на сите кои досега се грижат за здравјето на Михаел, но и на сите оние кои даваат поддршка.
„Од срце би сакала да ви се заблагодарам на сите вие кои ќе го славите 50-тиот роденден на Михаел. Можете да бидете сигурни дека тој е во добри раце и правиме сè што можеме за да му помогнеме. Ве молам да разберете дека ние ја почитуваме желбата на Михаел и затоа не сакаме да зборуваме за неговата здравствена состојба во јавност. Ви благодариме на многуте писма и пораки кои ги имате испратено по повод Новата 2019 година“, рече Корина.
По повод јубилејниот 50-ти роденден на Шумахер, во Келн ќе има изложба посветена на најтрофејниот возач на Формула 1 на сите времиња. Популарниот Шуми закрепнува на својот имот во близина на Женевското езеро во Швајцарија.