Сопственикот на Наполи има план за „рестарт“ на италијанскиот фудбал

По катастрофата на Италија во Зеница и неуспехот да се пласира на третото последовно Светско првенство, се редат реакции.

За „СпортИталија“ се огласи контроверзниот сопственик на Наполи, Аурелио де Лаурентис, и понуди решение за големиот проблем во вид на „рестарт“ на Серија А.

„Какво е чувството? За мене сè е јасно веќе десет години. Во Неапол имаме убав израз за тоа: ‘играчка во рацете на децата’. Секогаш велиме дека се играат премногу натпревари и тоа ги уништува нашите фудбалери“, изјави Де Лаурентис.

Каков главен проблем го посочи преголемиот број клубови во Серија А.

„Сетете се на 1986 година, Серија А имаше 16 клуба, а денес има 20. Ако се вратиме на 16, би ги заштитиле играчите, кои се имот за кој плаќаме ние, клубовите, а не ФИФА или УЕФА. Тогаш ќе има доволно време репрезентацијата да има долготрајни и квалитетни подготовки“, појасни првиот човек на шампионот на Италија.

Тој смета дека барањето индивидуални виновници е бесмислено, затоа што проблемот е во целиот систем.

„Барањето жртвени јагниња не служи за ништо. Години наназад предупредувам дека италијанскиот фудбал е во летаргија, дека ништо не се менува бидејќи во постоечката состојба сите некако преживуваат“, додаде тој.

На крајот, Де Лаурентис предложи конкретен план за закрепнување.

„Треба јасно да се каже, се игра премногу, 20 екипи во лигата се премногу. Лигата мора да има 16 клуба, а репрезентацијата треба да има два месеца за квалитетни подготовки. Тоа мора да биде кристално јасно, не можеме да си играме со туѓи пари. Доста е, нѐ изморија. Шеснаесет клубови, помалку натпревари, повеќе време за репрезентацијата, надоместок за повиканите играчи и целосно осигурување во случај на повреди. Тоа е нов почеток што ни треба. Сè треба да се поништи и да се почне одново веќе утре наутро“, заклучи Де Лаурентис.

- Оглас -

Најнови вести