Саудиска Арабија има цел да ја добие организацијата на Светското првенство во 2030 година, а во планот да ја добие довербата од ФИФА им е потребна и една балканска земја.
Според пишувањата, кралското семејство Бин Салман планира 75 отсто од мечевите на Мундијалот во 2030 година да се играат во Саудиска Арабија, а останатите 25 отсто да бидат распределени во други две земји. Како можни партнери на Саудиска Арабија се споменуваат Египет и Грција, а денеска е откриен и планот според кој Грците треба да бидат убедени да бидат коорганизатори.
Се шпекулира дека веќе биле одржани тајни состаноци меѓу лидерите на Саудиска Арабија и на Грција, а богатото арапско кралско семејство дало цврсто ветување. Планот е Саудијците да изградат три супер модерни стадиони на кои би се играле мечеви од СП 2030, а за возврат треба да се обезбедат гласови во трката за домаќинство.
Египет, како дел од триото на земји можни домаќини на СП 2030, треба да биде гаранција дека сите 52 африкански земји ќе дадат поддршка за оваа организација затоа што тоа би било првпат во историјата натпревари од планетарниот собир да се играат на африканскиот континент.
Во 2030 година треба да се одбележат точно 100 години од првото Светско првенство кое се играше во Уругвај, а за овој голем јубилеј веќе се организираа јужноамериканските земји, и тоа Уругвај, Аргентина, Чиле и Парагвај како кандидати за добивање на организацијата на планетарниот собир во 2030 година.