Грчкиот весник “Елефтеростипос“ пренесува дел од изјавите на првите 30-мина осомничени за убиството и нередите кои се случија во понеделникот во Атина. Тие денес како прва група беа изведени пред истражен судија за да ги дадат своите изјави.
Хрватските навивачи на Динамо Загреб генерално дале идентична изјава во која велат дека немаат никаква врска со убидтсвото на навивачот на АЕК, а посебно се издвојува изјавата на еден навивач од Хрватска кој вели:
– “Во Атина дојдовме за мечот Панатинаикос – Олимпик Марсеј. Влезници за мечот АЕК – Динамо немавме поради забраната на УЕФА. Отидовме да го гледаме тренингот на Динамо и одеднаш се најдовме сред големите нереди. Полицијата не реагираше правовремено, беше уплашена од предметите кои летаа кон нас од страна на грчките навивачи.“
Уапсениот албанец кој е осомничен дека учествувал во убиството на навивачот и кај кого е пронајден нож, изјавил дека ножот го имал затоа што му е потребен за на работа, бидејќи работи како електричар. Вели дека во моментот на инцидентот ја чекал девојката и се понудил да му биде земен ДНК и отпечатоци за да докаже дека неговиот нож не е користен во убиството и воопшто во нередите.
Главниот осомничен за убиството е грк, но и тој има објаснување како се нашол на местото на настанот.
– “Немам никаква врска со она што се случи во близина на стадионот на АЕК. Не ги познавам хрватите кои беа дојдени да убиваат и да уништуваат наш имот, случајно се најдов на тоа место. Одев со вереницата и потенцијалниот партнер да гледаме некои објекти во близина на стадионот, како и еден мотоцикл кој сакав да го купам. Околу 11 часот навечер слушнав силна бука и пукање на петарди. Од радозналост отидов на местото на настанот. Не учествував во тепачката, заминав од таму. Апсолутен доказ за мојата невиност е мојата телесна градба, многу сум висок и лесно може да ме препознаат. Немав ниту качулка, ниту кацига, не трчав, нормално се движев. Тоа докажува дека немав намера да се скријам. Единствената причина зошто сум обвинет е тоа што полицијата ме познава, бидејќи имам ресторан во близина на стадионот на Панатинаикос.“ – вели осомничениот грк.