Составена најдобрата македонска репрезентација во историјата, дали фали некој во стартните 11?

Македонската фудбалска репрезентација минатиот месец прослави 30 години од одигрувањето на првиот официјален натпревар како самостојна држава. За овие 30 години, Македонија успеа да се избори за настап на едно Европско првенство, тоа кое се играше во 2021 година.

Македонија имала одлични фудбалери и пред да стане самостојна држава, односно во изминативе 100-тина години. На социјалните мрежи постојано се водат дебати за тоа кој фудбалер е подобар, кој имал поголеми успеси во кариерата и кој е подобар од другиот.

На популарната фејсбук-страница Историја на Екс-Ју фудбалот, која има над 100.000 следбеници, составен е тим од 11-мина фудбалери кои тие ги предлагаат како најдобри во историјата на македонскиот фудбал.

Интересно е дека меѓу најдобрите 11-мина фудбалери кои ги дала Македонија во историјата нема место за ниту еден од актуелните репрезентативци. Во формацијата 4-3-1-2 се фудбалери кои дефинитивно оставиле голема трага во македонскиот фудбал.

ГОЛМАН

Драган Мутибариќ, легенда на Вардар, кој во кариерата бранеше и за Шалке 04, Швенинген, Трепча, Тетекс и Македонија Ѓорче Петров, а има и 10 настапи за тогашната репрезентација на Југославија.

ОДБРАНА

Кирил Симоновски – Џина, еден од основоположниците на македонскиот фудбал. Џина играл речиси пред 100 години, и тоа за екипите на Југ, Победа, Граѓански, Партизан. Тој е првиот македонски спортист што успеал да биде капитен на една југословенска репрезентација.

Кирил Дојчиновски, „дете“ на Вардар кое потоа одигра дури седум сезони во Црвена ѕвезда, каде што освои повеќе од 10 трофеи. Играл во полуфиналето на Купот на Европски шампиони во 1971 година. Кариерата ја заврши во Франција, каде што играше за Тројка и Париз.

Илија Најдоски, роден во Крушево, кој заигра за Победа, а потоа премина во Вардар, а во 1988 година направи трансфер во Црвена ѕвезда, со која стана европски и светски првак во 1991 година. Има 11 настапи за Југославија и 10 меча за македонската репрезентација.

Вујадин Станојковиќ, кумановец кој започна во Вардар, а неговиот квалитет го виде Партизан, каде што потоа одигра четири години. Со Црно-белите освојуваше трофеи, а потоа пет години настапуваше во шведскиот фудбал. За Југославија одигра 21 меч (беше дел и од СП 1990), а потоа во самостојна Македонија настапи на 7 меча.

СРЕДЕН РЕД

Кочо Димитровски, легенда на Вардар, кој целата кариера ја помина во црвено-црниот дрес. Неговиот рекорд од 845 меча за еден тим тешко дека некогаш ќе биде надминат.

Тони Савевски, роден во Битола, а првите фудбалски чекори ги прави во Пелистер. Блесокот во кариерата го има како играч на Вардар, каде што помина осум години, а потоа стана легенда на АЕК од Атина, каде што одигра 410 меча. Играше и за репрезентацијата на Македонија, а претходно и за таа на Југославија.

Мето Спасовски, единствениот Македонец којшто играл против Бразил предводен од Пеле на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро и постигнал гол. Кариерата ја почнал во Единствно, кога дебитирал на 16 години, а потоа заиграл за Вардар, каде што во 375 меча постигнал 76 гола. Играл и во Германија за Сарбрикен.

ОФАНЗИВЕН ИГРАЧ

Горан Пандев, најмладиот од сите 11-мина кои се одбрани во најдобриот тим на сите времиња. Пандев повеќе од 20 години играше во Италија, каде што освои 10-тина трофеи, а највредни му се тие со Интер кога стана европски и светски првак. Со 122 меча и 38 гола тој е рекордер по бројот на одиграни мечеви и бројот на постигнати голови.

НАПАД

Милко Ѓуровски,  роден тетовчанец, кој кариерата ја започна во Црвена ѕевзда, а потоа направи трансфер  во најголемиот ривал Партизан, каде што помина четири години. Ѓуровски играше за репрезентациите и на Македонија и на Југославија. Во кариерата постигна повеќе од 150 погодоци.

Дарко Панчев, единствената Златна копачка која ја има Македонија (најдобар стрелец во Европа). Започна во Вардар и беше предводник на генерацијата која стана шампион на Југославија во 1987 година. Кулминацијата на кариерата ја имаше во Црвена ѕвезда, кога стана европски и светски првак, а го даде и последнот пенал со кој белградскиот тим стана европски првак. Играше и за Интер, Лајпциг, Фортуна Дизелдорф и Сион. Беше дел од репрезентацијата на Македонија, а играше и за Југославија, а може да се пофали и со два постигнати гола на Светското првенство во 1990 година.

- Оглас -

Најнови вести