Советот на Град Скопје со финансиска помош за ФК Вардар од 250.000 евра, „грмат“ од Шкупи!

Советот на Град Скопје со 19 гласови „за“, пет „против“ и четири „воздржани“ денеска усвои амандман поднесен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за доделување финансиска помош од 15 милиони денари на ФК Вардар.

Ваквата одлука предизвика задоволство кај фановите на Вардар, но негативна реакција има и од албанските советници, кои истакнале дека ако се дава пари на Вардар, треба му да се дадат и на Шкупи.

На социјалните мрежи се огласи и директорот на ФК Шкупи, Омер Буњаку, кој истакна дека не сака данокот кој тој го плаќа да се користи за помош на Вардар додека во Скопје има и четири прволигашки клубови.

„Советници на ВМРО и дел од советниците на СДСМ одлучија да му помогнат на клубот Вардар со 15.000.000 денари, кој се натпреварува во Втората лига. Овој клуб сега веќе не му припаѓа на градот, туку е во приватна сопственост. Зарем избраните во Градското собрание заборавија (освен Албанците кои не го поддржаа) дека не сите скопјани го сакаат Вардар и дека не сакаат парите од данокот да им одат во клубот што не го родила мојата мајка. Со оглед дека плаќам данок, не сакам да го спонзорирам и финансирам клубот Вардар, а ние да земеме помалку кога и ние како клуб што се натпреваруваме во Првата лига имаме голема потреба од помош од градскиот буџет, чиј сеф е исполнет со огромни средства.

Време е избраниците во градот да не бидат за едни мајка, а за други маќеа, секој да се труди да си ги исполни обврските според работните места што ги добил. Всушност, советниците на ВМРО и дел од советниците на СДСМ со овој чин не му помагаат на клубот Вардар, туку директно на неговите нови сопственици“, вели Буњаку во реакцијата.

Градоначалничката Данела Арсовска беше против вакво нешто и рече дека со оваа помош „ќе се наполнат туѓи џебови или ќе се исплатат извршителите“ и ја повика Финансиската полиција да изврши контрола во клубот.

„Денешниот амандман за пренамена на средства од буџетот на Град Скопје за ФК Вардар е само еден очаен обид за популизам од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои очигледно не се заинтересирани за конкретно решение на проблемите во клубот.

Овие средства, ниту ќе ги решат проблемите на клубот, ниту ќе стават крај на нив, а дополнително е проблематично што во амандманот не е прецизирана намената за средствата и постои сериозна опасност парите на скопјани да завршат во џебот на оние кои го доведоа клубот во ваква очајна финансиска состојба.

Град Скопје има конкретен план, план со кој ФК Вардар ќе се врати дома, односно ќе се врати во сопственост на Градот Скопје и повторно ќе ги доживее оние славни времиња во кои клубот имаше најголеми успеси и носеше огромна радост за сите скопјани.

Откако ФК Вардар ќе се врати во сопственост на градот, каде што припаѓа, во клбуот мора да се спроведе сериозна и темелна истрага за причината поради која македонската фудбалска гордост се најде во ваква катастрофална финансиска состојба.

Апелираме до МВР, Финансиската полиција и сите надлежни институции да истражат каде завршувала финансиската помош од градот во изминатите години и за кои намени управата и сопствеништвото ги трошело парите на скопјани“, изјави Арсовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека фудбалерите веќе четири месеци немаат земено плата и мора да се изнајде системско решение за во иднина да не се случува ова.

 

- Оглас -

Најнови вести