Наполи продолжува со сезоната од соништата и е сè поблиску до освојуавње на титулата која ја чекаат повеќе од три децении. Наполитанците имаат 59 бодови од 22 кола, дури 16 повеќе од вториот Интер, кој има меч помалку.
На синоќешниот меч на „Диего Армандо Марадона“, Наполи победи со 3:0 против Кремонезе, а во листата на стрелци се запиша и Елиф Елмас. Македонскиот репрезентативец во игра влезе во 70-тата минута, а само девет минути подоцна постигна одличен гол.
По завршување на мечот, тренерот на Наполи, Лучано Спалети имаше само пофални зборови за играта на Елмас и потенцираше дека тој заслужува да биде меѓу стартерите.
„За Елмас? Многу пати досега имам кажано дека тој заслужува да игра во стартниот тим. Понекогаш жалам што не го пуштам да биде во игра од првата минута, но и кога ќе влезе од клупата, дава одличен придонес на теренот. Клучот на неговата добра и игра е тоа што постојано напорно работи“, рече Спалети за Елмас, кој сезонава веќе има постигнато шест гола во Серија А.