Лучијано Спалети кој до неодамна беше селектор на Италија, вели дека фудбалот оставил голема црна дамка врз неговиот живот. Спалети си замина од селекторското место по катастрофалниот пораз од 3:0 на гостувањето кај Норвешка во првото коло од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.
Во изјава за италијанскиот весник „Ла Република“ Спалети откри дека се чувствува лошо и дека не спие ноќе поради поразот.
„Фудбалот ми го уништи животот. Го сакам повеќе од себеси. Ги жртвував односите со луѓето најблиски до мене за фудбалот. Поразот од Норвешка и Италија ме држи буден навечер. Тоа чувство никогаш нема да исчезне. Тој натпревар имаше големо влијание врз мене. Моите мисли секогаш се враќаат на тоа. Понекогаш мислам дека сум среќен, но потоа тоа лошо чувство веднаш се враќа. Кога ме повикаа да ја преземам репрезентацијата, не се водев од моите чувства. Кога ќе те повикаат да ја водиш Италија, мора да бидеш подготвен и целосно достапен. Тоа беше моја грешка. Премногу ме водеше чувството на припадност и идентитет. Чувствував многу гордост, но сето тоа беше премногу за мене“, вели Спалети.
Почитуваниот и искусен 66-годишен тренер ја водеше италијанската репрезентација од септември 2023 до јуни 2025 година. Во својата богата кариера, тој беше на клупата на Наполи, Интер, Рома, Зенит, Удинезе, Анкона, Венеција, Сампдорија и Емполи.
Неговиот најголем успех е освојувањето на италијанското првенство со Наполи во 2023 година. На селекторската позиција во италијанската репрезентација го наследи Џенаро Гатузо.