Тренерот кој по пауза од 33 години му ја донесе шампионската титула во Серија А на Наполи, Лучано Спалети, ја одби богата понуда од Саудиска Арабија.
Претседателот на Ал-Ахли лично патуваше во Италија на средба со Спалети, но Италијанецот одлучи да ја одбие богатата понуда и да одмора една година.
Спалети ја одби понудата бидејќи очекува најдоцна до идното лето да седне на клупата на Јувентус.
Новиот спортски директор на Јувентус, Кристијано Џунтоли, го донесе Спалети во Наполи и двајцата имаа одлична соработка која резултира со шампионска титула. Како еден од условите за да потпише нов договор со Наполи, Спалети бараше сопственикот Аурелио де Лаурентис, да му даде нов побогат договор на Џунтоли. Де Лаурентис го одби барањето и остана и без Џунтоли и без Спалети.
Идејата на Џунтоли е следен тренер на Јувентус да биде токму Спалети, екипата во новата сезона ќе ја предводи Масимилијано Алегри, но нема да биде изненадување ако предвреме седне на клупата на Старата дама, во случај тимот да игра слабо како што беше случај минатата сезона.