Лучано Спалети во следната сезона нема да биде тренер на Наполи, единствено доколку не се случи некое чудо. Тренерот кој го предводеше Наполи до првата шампионска титула во Серија А во последните 33 години вели дека тоа е одлука која ја донел по многу размислување.
„Ако не сте убедени дека можете да дадете сѐ што заслужуваат овие луѓе, правилно е да размислувате добро и да донесете одлука. Работата е завршена и не може да се премислувате секој ден. Тоа не е одлука која паднала од нигде никаде, од небо“, рече Спалети по победата на Наполи над Интер.
Наводно Спалети не може на претседателот Аурелио де Лаурентис да му прости неколку работи, меѓу кои и тоа што првиот човек на Наполи не му кревал телефон кога му се јавувал од Удине вечерта, кога ја обезбедија титулата за да си честитаат, и тоа што наместо претседателот лично, други лица од канцеларијата на клубот контактирале со Спалети околу условите за новиот договор.