Лучано Спалети е во тренинг-центарот на Јувентус, каде што беше пречекан од 50-тина фанови, пред тоа ги мина лекарските тестови, а иако имаше најави дека веднаш ќе почне со работа, не го водеше денешниот тренинг на тимот.
Спалети прво барал тригодишен договор, но ќе потпише само до јуни, со тоа што ако Јуве избори место за Лигата на шампионите за следната сезона, договорот автоматски ќе биде продолжен.
Поранешниот италијански селектор кој со Наполи стана првак на Италија во 2023 година, имал финансиски многу побогати понуди од клуб од Саудиска Арабија и од англискиот премиерлигаш Нотингам форест, но кога дошол интересот од Старата дама, одлучил до остане во татковината и да го преземе најтрофејниот клуб во Италија.
На Спалети, кој како тренер на Јуве ќе дебитира в сабота на гости против Кремонезе, му одговара распоредот за да направи серија добри резултати. По Кремонезе, ривали на Јуве во ноември се уште Спортинг Лисабон, Торино, Фиорентина, Бодо/Глимт и Каљари, и тоа се мечеви кои може да бидат добиени.

