Јувентус одигра еден од најдобрите мечеви сезонава и со убедливи 3:0 го победи Наполи во дербито на италијанското првенство. Со оваа победа Јувентус стигна до 42 бода, а Наполи остана на 43 бода, па тимот од Неапол речиси сигурно го загуби чекорот во трката за титулата бидејќи Интер е лидер со 52 бода.
Тренерот на Старата дама, Лучано Спалети, беше презадоволен од победата и посебно беше задоволен од играта и убедливиот триумф.
„Сите мечеви се важни затоа што на секој меч може да се освојат три бода. Ова беше важна победа за нас и една потврда за играчите да знаат дека може да играат на фудбал на високо ниво. Во вакви натпревари морате да покажете кои сте, зошто сте тука и зошто тренирате. За мене клучно е тоа што играчите го правеа тоа што треба во текот на целиот меч. Најважно беше постојано да се прави притисок на противникот“, рече Спалети, кој посебно ги пофали Џонатан Дејвид, Вестон Мекенли и Кенан Јилдиз.

