Лучано Спалети ја одржа првата прес-конференција како тренер на Јувентус и најави дека целта му е да го освои Скудетото во Серија А, колку тоа и да изгледа тешко достижно во моментов.
„Сите ја знаеме историјата на овој славен клуб, но кога сте внатре во него, вистински ја чувствувате неговата големина. Ќе се бориме да ги оствариме целите. Донесов четворица помошници, се надевам дека ќе го постигнеме тоа што го сакаме. Головите се клучни ако сакате да добиете мечеви, ќе применуваме напаѓачки фудбал, но најважно е да играме како тим, секој да знае каде се движи по теренот. Приоритет ни е да се пласираме во Лигата на шампионите, но се надевам дека ќе се вратиме и во трка за титулата, имаме уште 29 меча за играње“, рече Спалети, кој дебито на клупата на Старата дама ќе го има утре против Кремонезе.
Тренерот потоа коментираше за контроверзниот транспарент што се појави во Неапол по неговото потпишување за Јувентус. Спалети на раката има тетоважа до амблемот на Наполи и број 3 во чест на третата титула која ја освои пред две и пол години.

„Не се среќни во Неапол со моето доаѓање во Јувентус? Оставив нешто зад себе во секој град каде што тренирав и се сеќавам на прекрасни работи. Го освоивме Скудетото, нешто убаво што никогаш нема да се промени. Воспоставив прекрасен однос со тие луѓе и со тој град. Утрово ми направија крвна слика и ја замолив медицинската сестра да ја направи на другата рака бидејќи не сакав ништо од таа страна да се допре. Неапол секогаш ќе остане во моето срце, без оглед на професионалните избори што ги направив“, објасни Спалети.

 
                                    