Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Лучано Спалети, на прес-конференција во пресрет на дуелот со Македонија в петок во Рим рече дека посакуваат три бода за да си ја олеснат работата за последниот меч, гостувањето кај Украина, кое е на неутрален терен во Леверкузен.
Ако Италијанците победат против Македонија, тогаш им одговара и реми против Украина за пласман на ЕП, а ако мечот во Рим заврши нерешено или со победа на Македонија, тогаш Аѕурите ќе мора да ја совладаат Украина за да играат на ЕП 2024.
„Фокусирани сме само на првиот меч. Сакаме да победиме, што би ни ја олеснило задачата за последното коло. Секој што игра против Италија, се плаши по малку од нас, а исто така се и екстра мотивирани кога играат против нас. Имобиле не го викнав затоа што другите тројца напаѓачи се во подобра форма во моментов, иако Чиро даде гол во Лигата на шампионите, му го кажав тоа“, изјави Спалети.
Инаку, за средбата со Македонија отпадна и Мануел Локатели од Јувентус, покрај другите тројца од листата, кои исто така се во аут.