Ракометниот клуб Спартак од Москва ќе биде 12-тиот учесник во СЕХА-лигата за сезоната 2019/20. За првпат во историјата на ракометното натпреварување ќе учествува руска екипа, што е уште еден новитет по членството на кинескиот клуб Пекинг спорт јуниверзити.
Оваа вест беше потврдена на денешната прес-конференција во Москва, на која присуствуваа претставници на Јужноисточното клупско првенство, како и директорот на Руската федерација, Лев Воронин, и директорот на Спартак, Василиј Славин. Московската екипа ќе игра на местото од унгарскиот тим Грундфос Татабања.
Спартак ќе биде во групата А заедно со актуелниот првак и македонски претставник, тимот на Вардар, додека противници ќе им бидат и Нексе, Татран Прешов, Војводина и Мотор Запорожје.
Деветтата сезона во СЕХА-лигата со натпревари ќе стартува на 3, односно 4 септември.