Арсенал го освои првото овосезонско градско дерби против Тотенхем, „топчиите“ славеа голема победа од 4-2 на „Емирати“. Вистински спектакл се одигра во Лондон, меч полн со погодоци, неизвесност, страст, а секако не може да помине без тензии.
По само 10 минути игра, главниот арбитар Мајк Дин досуди најстрога казна за Арсенал, а Обамејанг го совлада Љорис од белата точка. Сепак, предноста на домаќините траеше само 20 минути, Даер израмни на 1-1, па со провокативна прослава кон фановите на Арсенал предизвика немир на трибините, по што настана мешаница на теренот помеѓу играчите на двете екипи.
Само четири минути подоцна, Дин повторно покажа на белата точка. Овојпат пеналот беше досуден во корист на Тотенхем, а Хари Кејн беше неприкосновен за комплетен пресврт на „петлите“ пред финишот на полувремето.
Емери на почетокот од вториот дел посегна по клупата, во игра влегоа Лаказет и Ремзи, играчи кои имаа своја улога во пресвртот во корист на Арсенал. Прво Обамејанг во 56-тата минута израмни на 2-2 со прекрасен погодок од далечина, а Лаказет ја искористи грешката на одбраната на Тотенхем за 3-2 во 74-тата минута. Асистент на тие два гола беше токму Ремзи. Конечниот резулат го постави Лукас Тореира само три минути по голот на Лаказет.
Гостите во 85-тата минута останаа со играч помалку, Вертонген заработи втор жолт картон и исклучување од средбата.
https://www.youtube.com/watch?v=KdKfE2XVn5Q