Спектакл во УФЦ: Ништо од големото враќање на „нигериската ноќна мора“, Едвардс останува шампион (Видео)

Британецот Леон Едвардс ја одбрани титулата во велтер категоријата (до 77 килограми) во УФЦ организацијата, откако во главната борба на приредбата „УФЦ 286“ по пет рунди, на поени го победи поранешниот шампион, Камару Усман.

Двајца судии му дадоа предност на шампионот Едвардс и петте рунди ги бодуваа 48-46, додека третиот сметаше дека борбата заврши нерешено, 47-47.

Ова беше трета борба меѓу Едвардс и „нигериската ноќна мора“, првиот заврши со триумф на Усман во 2015 година, а минатата година победи Едвардс и му го одзеде шампионскиот појас на Нигериецот.

На вчерашната борба која се одржа во „О2“ арената во Лондон, на Едвардс не му пречеше и податокот дека му беше одзеден бод во третата рунда поради недозволено држење за мрежата, но во последните две рунди, „Роки“ беше доминантен и успеа да го задржи шампионскиот појас.

Усман иако најавуваше враќање на шампионскиот појас, ќе мора до нова борба за него да дојде по подолгиот пат, односно преку други противници повторно да се избори за борба против Едвардс.

Спектауларна беше и втората борба на вечерта во која Џајстин Гејчи, исто така на поени го победи Рафаел Физиев. Ветеранот од Исланд, Гунар Нелсон уште во првата рунда го принуди Брајан Барберен да се предаде, додека во женска конкуренција, Џесика Маја со едногласна одлука на судиите беше подобра од Кејси О’Нил. Во првата борба од главна програма, Мартин Ветори со едногласна одлука на судиите го победи Грузиецот Роман Долидзе.

- Оглас -

Најнови вести