Најдобриот хрватски тенисер на сите времиња, Горан Иванишевиќ, годинава во Умаг ќе игра егзибициски меч против Австралиецот Патрик Рафтер, човекот кој го победи во незаборавното финале на Вимблдон во 2001 година.
Тој деветти јули 2001 е еден од најсветлите датуми во хрватската спортска историја, Иванишевиќ по три загубени финалиња, конечно од четврти обид, и тоа како учесник со вајлд-карта, го освои Вимблдон, и тоа во меч против Рафтер, кој имаше пет сета, а петтиот му припадна на Хрватот со 9-7 во гејмови.
Осумнаесет години подоцна, Горан и Патрик повторно ќе играат еден против друг, овојпат како пензионирани тенисери. Иванишевиќ е промотер на Отвореното првенство на Хрватска на земјените терени во Умаг, единствениот АТП-турнир во таа земја. Годинава е јубилеј, 30 години од турнирот, па организаторите се потрудија во јули да го донесат Рафтер.