НБА лигата подготвува спектакл на стартот на сезоната, а за 22. октомври кога ќе тргне шоуто во најсилната лига на светот ќе играат меѓусебе Лос Анџелес Лејкерс и Лос Анџелес клиперс.
Таква најава стаса од Шемс Шаранија, еден од најдоброупатените новинари во приликите во НБА лигата. Поранешниот новинар на „Yahoo“ напиша на својот Твитер налог дека НБА сака со два спектакуларни меча да ја отвори сезоната.
Премиерата ќе биде во Торонто, каде актуелниот првак ќе игра со Њу Орлеанс, а нешто подоцна ќе има дуел меѓу Лејкерс и Клиперс во градското дерби на Лос Анџелес.
За сезоната што ќе почне во финишот на октомври и двете екипи од Ел-Еј се засилија и ќе се обидат да стасаат далеку во плејофот, па и да атакуваат на титулата.
Кај Лејкерс на Леброн Џејмс му се приклучи Ентони Дејвис, а Клиперс го ангажираа најдобриот кошаркар на шампионот Торонто, Кавај Ленард, кој е актуелен МВП на мината сезона и Пол Џорџ, играч што беше во топ-3 кандидати за најкорисен кошаркар во НБА.