6.2 C
Skopje
среда, 17 декември 2025

Специјална Олимпијада ја заокружи успешната година со новогодишна средба, благодарница и за Sport Life (Фото)

Во пресрет на новогодишните празници, Специјална Олимпијада Македонија ја заокружи годината со новогодишна средба во позитивна атмосфера, исполнета со заедништво и спортски дух, на која беа сумирани постигнатите резултати и беа споделени визиите за понатамошниот развој.

Оваа година претставува значајна пресвртница во развојот на организацијата. Со формирањето на Спортската федерација Специјална Олимпијада Македонија и регистрацијата на специјални спортски клубови беа поставени цврсти основи за системски развој на спортот за лица со интелектуална попреченост. Овие процеси на СОМ им овозможуваат подобри услови за секојдневна работа, поефикасна поддршка на атлетите и тренерите, како и поголема вклученост на спортските работници во креирањето на развојните стратегии и политики на Федерацијата.

Годината беше одбележана и со значајни спортски успеси на меѓународна сцена. На Светските Зимски Специјални Олимписки Игри „Торино 2025“, македонските атлети постигнаа извонредни резултати: Илина Георгиева освои сребрен медал во дисциплината спортски танци, Фатмире Бајрамоска и Албан Бајрамоски се закитија со сребрени медали во крос-контри скијање, додека Стефан Трпковски го освои четвртото место во спортски танци. Овие резултати уште еднаш ја потврдија посветеноста, храброста и љубовта кон спортот што ги водат атлетите од Специјална Олимпијада.

Покрај натпреварувачките активности, во текот на годината беа реализирани редовни тренинзи за атлетите, Европската недела на кошарка, како и конференција и обуки за тренери во Ларнака, Кипар, со што дополнително се унапредија стручните капацитети и квалитетот на програмите.

„Изминатата година беше година на вистински промени и докажување. Горди сме на нашите атлети кои со своите резултати нè претставија достојно на меѓународната сцена, но и на чекорите што ги направивме на организациско ниво, со кои ја зајакнавме основата за долгорочен и одржлив развој. Специјална Олимпијада Македонија продолжува да гради систем во кој секој атлет има поддршка, можност и простор да напредува. Благодарни сме на сите партнери, тренери, волонтери и поддржувачи кои се дел од ова заедничко патување кон поинклузивно општество преку спортот“, изјави Моника Бошкоска, претседател на Специјална Олимпијада Македонија.

 

На новогодишната средба, претставниците на СОМ упатија благодарност до сите атлети, тренери, волонтери кои континуирано придонесуваат за остварување на мисијата на организацијата. Воедно, на настанот беа доделени и плакети за долгогодишните партнери и поддржувачи на СОМ: Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, „Македонски Телеком“ АД, НЛБ Банка АД Скопје, Триглав Осигурување АД, „Лајонс Алфа Клуб“ Скопје, „Спорт лаиф“ и „Мотоцентар“. Особена благодарност беше изразена до „Мотоцентар“, како компанија која повеќе од 15 години активно ја поддржува работата на Специјална Олимпијада и е спонзор на новогодишното дружење на атлетите, за поддршката и за препознавањето на важноста на спортот како алатка за инклузија и еднакви можности.

Со оптимизам и силна мотивација, Специјалната Олимпијада ја пречекува новата година, подготвена за нови спортски успеси, организациски напредок и уште посилно градење на инклузивно општество преку спортот.

- Оглас -

Најнови вести