Милан неочекувано, но сосема заслужено загуби на гостувањето кај Специја, во меч од 22 коло на Серија А. Росонерите беа големи фаворити пред мечот, но на теренот, лидерот на табелата делуваше очајно, па затоа го претрпе и првиот пораз сезонава на гостински терен.
До пред овој меч, Милан на гости имаше девет победи и само едно реми, додека Специја дома беше со само една победа во 10 натпревари. Сепак, овие табели не значеа многу на теренот во Специја, затоа што домаќините одиграа фантастичен меч.
Откако успеаа во првото полувреме да го неутрализираат фаворитот и видоа дека нема опасност од Росонерите, Специја во вториот дел нападна и тоа се исплатеше. Маџоре погоди во 56 минута за 1:0, а победата и изненадувањето го потврди Бастони со одличен погодок во 67 минута.
Колку Милан беше немоќен говори и фактот дека Милан во текот на целиот меч не упати ниеден прецизен удар кон голот на домаќините. Росонерите по овој меч остнуваат на 49 бодови, што значи дека нивниот најголем ривал Интер, со победа утре против Лацио, може да го превеме лидерското место во Серија А.