Делио Роси, некогашниот тренер на Лацио, каде што го оствари најголемиот успех во кариерата освојувајќи го Купот на Италија во сезоната 2008/09, има свои предвидувања околу новите тренерски ангажмани во Серија А и ги најави првите два откази.
Според него, Жозе Мурињо и Симоне Инѕаги се „фаворити“ први да добијат откази во сезоната 2021/22, односно да не го дочекаат нејзиниот крај.
„Речиси е сигурно дека Мурињо прв ќе добие отказ. Знам како е да се работи во римски клуб. Исто така би кажал Инѕаги, бидејќи отиде во Интер, кој е актуелен првак и ќе работи со играчи кои имаат големи апетити. Ако не освои барем еден трофеј, шут-карта не му бега“, истакна Роси за едно италијанско спортско радио.
Мурињо со ангажманот во Рома се врати на Чизмата првпат по 11 години, кога беше тренер на Интер и ја освои тројната круна во сезоната 2009/10. Инѕаги пак ќе треба да ја пополни големата дупка што ја остави Антонио Конте, човекот кој го изгради шампионскиот тим на Нераѕурите.