Спировски и Алиоски едногласно: Цела Македонија сака победа над Лихтенштајн

Македониската сениорска фудбалска репрезентација во полн состав се подготвува за следниот циклус од Лигата на нациите. Во сабота, 13-ти октомври, на националната арена „Филип Втори“, „црвено-жолтите“ ќе ја пречекаат селекцијата на Лихтејнштајн, кој ќе биде трет меч на нашата репрезентација во ова натпреварување.

Од сениорите се очекува да продолжат во победнички ритам, а Спировски и Алиовски велат дека тоа го посакува цела Македонија.

„Имаме две победи на стартот од Лигата на нациите, но ништо не е готово. Нѐ радува тоа што се наоѓаме во добра форма, имаме одлични фудбалери и сега нѐ очекува Лихтенштајн. Мора да го добиеме овој меч. Но, повторно велам дека ништо не е готово. И нема да е толку лесно, затоа што во фудбалот сѐ е можно. Но, ние сме поквалитетни, ни се вратија Хасани и Адеми. Треба да имаме концентрација како на последните мечеви. Ако играме така, сигурно ќе победиме“, истакна Алиоски.

„Очекувањата против Лихтенштајн се победа. Цела Македонија го очекува тоа. Имаме четири дена до мечот, доволно време да се подготвиме. Целосно сме фокусирани на првиот меч за нас, а потоа ќе мислиме на Ерменија. Имаме шест бода на првите два меча. Сакаме да бидеме први во групата“, изјави Спировски.

Натпреварот меѓу Македонија и Лихтенштајн се игра на 13-ти октомври, во 20.45 часот, на „Филип Втори“, а билетите се пуштени во продажба по цена од 150 за северната и 100 денари за јужната трибина.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести