Спировски и Босанчиќ промовирани како први странци сезонава во Мариупол, ќе бијат тешка битка за опстанок во Украина

Стефан Спировски и официјално е промовиран во нов фудбалер на украинскиот клуб Мариупол со договор што важи до крајот на оваа сезона.

Пред него во клубот што е основан во 1960 година играше и Бесир Демири, поранешниот младински репрезентативец на Македонија.

Со него денеска Мариупол го промовира и второто засилување, Петар Босанчиќ, кој е првиот хрватски фудбалер што ќе настапува за овој клуб. Интересно е што Спировски и Босанчиќ се првите двајца странски играчи на Мариупол оваа сезона.

Спировски ќе има задача да помогне клубот да избори опстанок во Првата украинска лига, а Мариупол по 8 кола е претпоследен на табелата само со една победа и четири бода.

Нашиот репрезентативец ретко бил во ваква ситуација во кариерата и најчесто играше за клубови со поголеми амбиции за настап во европските купови.

Сепак, и ова е добра комбинација за 31-годишниот играч за врска, кој успеа да најде клуб по заминувањето од АЕК Ларнака, и тоа пред дуелите што Македонија ќе ги игра во октомври против Лихтенштајн и противГерманија во квалификациите за Мундијалот во Катар.

Спировски е стандарден член на нашата репрезентација, играше и на историското Европско првенство за нас што заврши ова лето.

Спировски и Босанчиќ можат да дебитираат за Мариупол задутре на гостувањето кај Олександрија.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести