Фудбалската репрезентацијата на Македонија вчеравечер пристигна во Рејкјавик каде што утре ќе го одигра вториот квалификациски натпревар од септемврискиот циклус, а против селекцијата на Исланд мисијата е да се надополнат испуштените бодови од претходниот меч против Ерменија, во којшто Рисовите ремизираа без голови.
Така смета Стефан Спировски, нашиот искусен играч за врска, кој пак верува дека Македонија има шанси до крајот на квалификациите да се избори за второто место во групата која води во баражот за пласман на Светското првенство во Катар идната година.
„Како за прв натпревар под водство на новиот селектор Милевски, мислам дека добро се прилагодивме на стилот на игра што го бара, меѓутоа Ерменија добро се бранеше, додека пак ние не ги искористивме шансите што ги имавме. Тука во Исланд ќе се обидеме да ги надополниме бодовите што ги испуштивме пред два дена. Сметам дека не е голем проблем за играчите кои немаат клупска минута, бидејќи ова е репрезентација, сé друго е неважно кога се брани црвениот дрес. Освен Германија, нашата група е прилично изедначена и сите имаме шанси за второто место, а за нас е убава шанса да се обидеме да ја стигнеме Ерменија за исчекор кон тоа второ место кое води во баражот“, истакна Спировски.
Дуелот Исланд – Македонија е предвиден за утре со почеток од 18 часот.