Следната година во Лас Вегас се планира одржување на „Унапредени игри“, контроверзно спортско натпреварување кое го доби и името „допинг олимписки игри“, затоа што на спортистите ќе им биде дозволено да користат допинг-средства.
Овој проект доби поддршка и од Доналд Трамп, односно од неговото семејство. Синот на американскиот претседател, Доналд Трамп јуниор, финансиски го поддржува овој проект. Натпреварувањето ќе биде следната година во Лас Вегас.
На спортистите кои ќе бидат дел од овој настан ќе им биде дозволено да користат разни допинг-стимуланси со цел да може да стигнат до подобри резултати. Победниците ќе добијат по 250.000 евра, а за секој срушен рекорд бонусот ќе изнесува еден милион евра.
Основач и организатор на овој проект е Арон Д’Соуза. Тој е австралијски стопанственик кој живее во Лондон и вели дека тоа се Олимписките игри на 21 век.
„Нашето натпреварување е реновиран олимписки модел за 21 век. Во ера на забрзани технолошки и научни промени, на светот му е потребен спортсни настан кој ја прифаќа иднината, посебно напредокот во медицинската наука. Ние не само што го организираме ова натпреварување, туку се занимаваме и со отклучување на човечкиот потенцијал. Ние сме авангарда на суперчовештвото“, вели основачот на овие Игри, Д’Соуза.
Низ досегашните тестирања, носителите на овој проект тврдат дека грчкиот пливач Кристијан Гколомеев веќе го има срушено светскиот рекорд на 50 метри слободно. Сепак ,овој резултат не е признат како светски рекорд затоа што е постигнат со помош на допинг.
Планот е „Унапредени игри“ да се одржуваат секоја година, почнувајќи од 2026. Организаторот очекува бројка од по 100 спортисти во различни спортски дисциплини – во атлетика, пливање и дигање тегови.
Идејата за овие Игри предизвика и многу негативни реакции во целиот свет, посебно од челниците на антидопинг-агенцијата. Многумина сметаат дека ова е многу опасен начин да се промени светскиот спорт и стравуваат од последиците кои може да дојдат по започнување на еден ваков модел на натпреварување.