Спортска 2022 година ќе биде за уживање

Годината која ја оставаме зад нас ќе биде со златни букви запишана во македонскиот фудбал. За првпат во историјата бевме дел од едно големо натпреварување, Македонија беше на Европското првенство во Букурешт и Амстердам. Сонот наш од детство беше исполнет во 2021 година, но тој тука не завршува.

Македонската фудбалска репрезентација имаше и одличен настап во квалификациите за Светско првенство, успеа да ја победи најтрофејната европска репрезентација Германија, и тоа на гости, а потоа и да се избори за место во бараж за Мундијалот во Катар.

Вo март, во Палермо, Македонија ќе игра против Италија во баражот за СП 2022 година, а ако успееме да направиме чудо и да го елиминираме актуелниот европски првак, последна пречка за настап во Катар ќе биде да се победи и подобриот од дуелот Португалија – Турција. Ќе биде вистинска фудбалска магија ако Македонија биде дел и од Мундијалот во Катар.

Годината 2022 година ќе започне со уште едно големо натпреварување за Македонија, и тоа на ракометниот терен. Предводени од Кирил Лазаров како селектор и капитен, ќе играме на континенталниот собир во Дебрецин, каде што од 13 до 17 јануари ќе играме против Словенија (13 јануари), Црна Гора (15 јануари) и Данска (17 јануари).

Мисија за Светско првенство има и кошаркарската репрезентација. Македонија е во квалификациите заедно со Шпанија, Украина и Грузија. По првите две кола, нашата репрезентација е без победа, но битката продолжува, и тоа на 24 февруари на гости кај Грузија, а три дена подоцна дома играме со истиот ривал.

На светската сцена, 2022 година може да го даде и првиот тенисер со 21 гренслем-титула. Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер се израмнети на врвот со по 20 титули на најголемите тениски турнири, а Србинот е во најдобра форма од овие тројца и тој би можел да направи чекор напред од ова друштво.

Проблемот за Ѓоковиќ е тоа што не се знае дали е вакциниран или не, па уште не се знае ни дали ќе игра на Отвореното првенство на Австралија за две недели. Во Мелбурн Ноле има девет титули.

Февруари ќе биде период кога ќе уживаме и во Зимските олимписки игри во Пекинг. ЗОИ ќе бидат од 4 до 20 февруари. Во формула 1 шампионатот добивме нов првак, а тоа е Макс Ферстапен. Во еден од најлудите шампионати, Ферстапен како шампион ја заврши 2021 година, и тоа со престигнување на директниот ривал Луис Хамилтон во последниот круг од последната трка.

Малку ќе биде чудно, но годината ќе заврши со Светско првенство во фудбал. За првпат во историјата, Мундијалот ќе биде во зимски период, односно од 21 ноември до 18 декември.

Покај овие големи светски настани, секојдневните спортски возбудувања ќе ви дадат одлична можност за уживање во спортот, едно од малкуте нешта што може да ги обедини сите луѓе во светот.

Среќна Нова 2022 година!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести