Спортска нацијо, издржете и седете дома!

И тоа чудо го видовме, полициски час во цела Македонија, додуша со „скратено работно време“, но доволно како за опомена. Веќе како да се навикнавме откако ќе се стемни, да седиме дома, па на многумина и не им е проблем да издржат.

Проблем ќе биде ако се воведе полициски час и преку ден. Тогаш ќе ги нема „атлетичарите“ на кејот на Вардар во Скопје, кои секојдневно напорно „тренираат“, чиниш се подготвуваат за настап на Олимписки игри. Знаеме колку сме спортска нација и колку медали имаме освоено на големи натпреварувања.

Има најави дека и Олимписките игри ќе бидат одложени, затоа нема потреба од бркање на критериуми за настап во Токио, останете дома, може да вежбате и во домашни услови, како што многумина наместо во канцеларија, работат дома.

Не е лесно да се седи дома по цели денови, особено љубителите на спортот се унаказани периодов, деновите бавно поминуваат, но мора така да биде, вашето здравје и здравјето на најблиските е на прво место. Ќе треба да се издржи еден извесен период, па ќе им се вратиме на редовните активности. Кога можеа белграѓани да аплаудираат како поддршка за Загреб, кој беше погоден од земјотрес, можеме и ние да ги почитуваме препораките и полицискиот час.

УЕФА НИ ДАДЕ ДАТУМ ЗА ПРЕТПОСЛЕДНИОТ ЧЕКОР КОН ЕП 2021, ОПАСНИ ТИЕ БЕЛОРУСИТЕ

Пред неколку дена разбравме дека бараж-мечот од Лигата на нациите против Косово треба да се игра на 4 јуни во Скопје. Ако ги победиме соседите, пет дена подоцна ќе гостуваме кај Белорусија или Грузија.

Не би било добро ако во тоа финале за ривал ја имаме Белорусија. Жилави се тие, инаетчии, играат и кога цела Европа „стисна“ пауза на домашните фудбалски првенства. Немаат премногу репрезентативци кои играат во странство, па овие од домашната лига ќе им бидат во натпреварувачки ритам, што би ги ставило во некаква предност.

Наша цел е да играме на ЕП следната година и да го одложиме пензионирањето на Горан Пандев барем за уште една сезона.

КОРОНАТА НАПАЃА И МЛАДИ И БОГАТИ

Од Коронавирусот најзагрозени се постарите лица, смртноста кај нив е поголема, а најкрупната жртва во фудбалскиот свет која ја зеде овој вирус е Лоренцо Санс. Шпанскиот бизнисмен почина на 76-годишна возраст како резултат на компликации кои ги направи вирусот. Ова е потврда дека и да имате многу пари, и да сте човекот кој го врати Реал Мадрид на европскиот трон по 32 години пауза, може да ја загубите битката со Коронавирусот.

Не е точно дека младите се отпорни на вирусот. Има многу примери како тој на Пауло Дибала од Јувентус. Има 26 години, во топ физичка форма е, но се зарази.

Сега е време за дисциплина каква што имаат Кинезите во борбата со невидливиот непријател. Наједноставниот начин и најефективното оружје против ширењето на заразата е да не се мешате со многу луѓе. ОСТАНЕТЕ ДОМА !!!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести